Шкендија со нерешен резултат 0-0 се враќа од гостувањето кај ТНС во првиот меч од првото квалификациско коло во Лигата на шампионите. Вистински херој на тетовскиот тим е голманот Бабакар Гаје, кој спасуваше чисти голови во вториот дел од средбата, кога ТНС имаше свои минути. „Црвено-црните“ од Тетово имаа и подеми и падови во текот на целиот меч, имаа и шанси, најзрелата се чини ја имаше Ване Крстевски, кога домашните спасуваа од самата гол линија, но на крајот не успеаја да заминат со уште подобар резултат пред реваншот во Скопје.
По првиот дел беше возбудливо и со шанси. Ако на почетокот ТНС се закани двапати, откако се ослбоди од притисокот, Шкендија созаде добри прилики. Тамба и Вебстер беа најопасни кај гостите, но Љатифи и Адеми не успеаја да реализираат. Во финишот од првиот дел Бробел шутираше, а Гаје успеа да одбрани и да не дозволи негатива на тимот од Тетово.
Вториот дел добро започна за Шкендија. Цаке успеа добро да ја изнесе топката, да стигне и во шеснаесетникот, но не успеа да ја пробие одбраната. Тамба имаше добра шанса, како да не ја очекуваше топката, па шутираше само во блокот.

Следуваа минути на криза кај тетовскиот тим, и три супер прилики за домаќините.
Вилсон се обиде, но Гаје успеа да одбрани во ситуација еден на еден во 58. минута, а потоа од одбиената топка Бробел не успеа да се закани поопасно. Сепак, после оваа шанса, стигна и до втора, уште подобра. Вилсон одново очи во очи со голманот на Шкендија по еден противнапад на ТНС, меѓутоа Гаје успеа одлично да обрани и да не дозволи да има позитива противничкиот тим.
Минутите на криза за Шкендија продолжија, а Гаје одново одбрани, овојпат „бомбата“ на Корнес од 30 метри, која одеше под пречката. Чуварот на мрежата на тетовската екипа успеа да го извади и ова.
Тренерот Јетон Беќири се одлучи да освежува, па ги стави во игра Крстевски и Алхасан, а токму Крстевски по една супер акција имаше шанса во 72. минута, но спаси од самата гол линија капитенот Редмонд.
Се чинеше дека Шкендија воспостави рамнотежа, и после кризата и трите шанси на велшкиот шампион, успеа да се стабилизира и од крајот на мечот да не дозволи противникот да се заканува повеќе, и така да избори поволен резултат од овој прв меч пред реваншот во Скопје идната седмица.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

