И по завршувањето на првиот дел од сезоната во ПМФЛ, нема крај на обврските за тетовска Шкендија за која до крајот на актуелната календарска година остануваат уште две средби во групната фаза од УЕФА Конференциската Лига.
Веќе во четврток во Скопје, актуелниот шампион го очекува дуелот со Слован Братислава. Голманот Бабукар Гаје, кој е еден од најдобрите во тимот сезонава, верува дека ќе има квалитетно издание против Словаците со позитивен исход.
„Тоа што сме дел од Конференциската лига е големо достигнување. Верувам дека ќе бидеме уште посилни во втората полусезона, но сега сме фокусирани на последните два натпревари. Потребна ни е поддршка во четврток во Скопје против Слован Братислава за да се обидеме да го дадеме најдоброто од себе, а потоа ќе се обидеме да го дадеме најдоброто од себе и против АЕК Ларнака“ – вели Гаје притоа дополнувајќи:
„Мора да бидеме што е можно поподготвени за последните два предизвици. Европските натпревари се посебни, не е лесно, но дефинитивно е можно да постигнеме успех пласирајќи се во елиминациска фаза и ќе се обидеме да го направиме тоа“.
Гаје не крие дека е пресреќен што е дел од Шкендија.
„Уште во моето прво интервју откако потпишав тука, реков дека знам од каде доаѓам и дека верувам дека ќе имаме успешна сезона. Сега можам да кажам дека сум многу задоволен од тоа како се одвиваа работите. Секако, секогаш има простор за подобрување, но ако добро ја анализирате ситуацијата, излегува дека сме направиле нешто посебно. Ова е историска година за Шкендија. Тимот ја освои шампионската титула во Тетово, и имавме одличен настап во квалификациите за Лигата на шампионите преку кои ја обезбедивме Конференциската лига. Ова е исто така големо достигнување и не разочаравме со нашите настапи“ – вели чуварот на мрежата за официјалниот сајт на клубот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

