Галевски блескаше за Алкалоид против Охрид, тешка повреда на Петров

Алкалоид забележа уште една победа во ракометниот плејоф, славејќи на домашен терен над Охрид со резултат 31-23 и зацврстувајќи се на третото место на табелата. Младиот голман Иван Галевски блескаше на голот на победничката екипа, но за жал мечот ќе остане запаметен и по тешката повреда на коленото на Костадин Петров, кој во второто полувреме мораше на рацете на противничките ракометари беше изнесен од теренот, па со носилка пренесен во болница.

Алкалоид почна моќно, за само петнаесетина минути стигнувајќи до убедлива предност од 8-2. Цврстата одбрана и одличната форма на голманот Галевски беа клучни фактори во овие почетни минути во кои тимот на Кире Лазаров успеа резултатски да се одлепи. Охрид покажа карактер и се врати резултатски, со внесување на втор пикер успевајќи да ја разбие зоната на противникот. Алкалоид сепак беше доволно квалитетен за да ја задржи солидната предност и на одмор да замине со водство од 15-10.

Домаќините имаа и 16-10 на почетокот од второто полувреме, но Охрид повторно внесе неизвесност намалувајќи на три гола разлика. Одличниот Галевски не дозволи охриѓани целосно да се вратат во мечот, а по десетина минути игра во вториот дел тешка повреда заработи Петров, кој на носилки беше изнесен од салата поради очигледен проблем со коленото на десната нога. Охриѓани се приближија само со три гола (22-19), но финишот мина во знакот на Алкалоид, па домаќините на крајот триумфираа со конечни 31-23.

Серафимов ги предводеше стрелците на Алкалоид со шест гола, по четири постигнаа Кофилоски и Симоноски, додека Галевски бепе одличен на голот со 13 успешни интервенции . Кај Охрид, најдобри поединци на овој натпревар беа Рустамов со шест и Цицар со пет погодоци.

Се вчитува...