Ракометната репрезентација на Македонија стигна и до втората победа на „Жолтиот куп“ во Швајцарија, откако вечерва славеше против репрезентацијата на Украина со 26-31. Нашите ракометари изиграа неверојатно второ полувреме во кое предводени од голманот Галевски успеаја да направат целосен пресврт по негативата на полувреме од 17-13.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров добро влегоа во мечот и во првите осум минути држеа изедначен резултат (3-3). Сепак, нападот не функционираше на посакуваното ниво, реализацијата беше слаба, а зицерите често завршуваа без погодок. Во 8. минута Украина првпат поведе со 5-3, а потоа постепено ја зголемуваше предноста. Осум минути подоцна разликата изнесуваше веќе четири гола (9-5). Филип Кузмановски донесе израмнување на 10-10, но Украина брзо врати со серија од четири гола и дојде до убедлива предност од (14-10). На крајот на првото полувреме, Украинците заминаа на одмор со предност 17-13.
Галевски го замени Томовски на стартот на второто полувреме и веднаш направи голема разлика. Четири интервенции од кои два зицери за само седум минути, по кои Македонија во 39. минута стигна до целосен пресврт 18-19. Галевски продолжи да брилјира меѓу стативите, а со голот на Ѓорѓиев во 51. минута Македонија за првпат стигна и до плус три 22-25. Следуваше гол на Пешевски и за плус четири 22-26, со кој Македонија го урна отпорот на жилавиот противник. До крајот рутински го приведовме мечот за конечен триумф од 26-31.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

