Иван Галевски беше херој во полуфиналето со Вардар, а младиот голман на Алкалоид блесна и во големото финале со Е. Пелистер, носејќи му го на својот тим првиот пехар во клупската историја.
Тој уште еднаш го потенцираше тимскиот дух, карактерот и концентрацијата како клучни фактори за големиот успех, ставајќи го колективот пред сопствената извонредна партија.
„Поради тоа што сме млади нормално е да има осцилации, но како што кажав и по полуфиналето – останавме сконцентрирани до крај и тоа ни ја донесе оваа победа. Го почитувавме противникот, знаевме дека Пелистер е квалитетен тим, но останавме доследни на она што го договоривме. Среќата беше денеска на нашата страна, но ништо не е случајно, цела година трениравме напорно и овој успех никако не е случаен, целосно е заслужен“, изјави Галевски.
Тој откри и дека „сино-белите“ се подготвувале за ваква разврска, но и дека добро знаел каде ќе шутира Емилијан Ѓорговски, чиј седмерец го запре во четвртата серија трасирајќи го патот кон трофејот.
„Знаевме дека ќе биде неизвесно, вежбавме пенали пред финалето. Знаев каде ќе шутира Ѓорговски“, откри суперталентираниот голман на Алкалоид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА