Монца на голема врата се враќа во новата сезона и ќе игра во италијанската Серија А, па главниот оперативец на клубот Адријано Галијани се обидува да состави што подобар и понкурентен тим. Најдобар доказ за тоа е активноста на пазарот и обезбедените потписи на Стефано Сенси, Андреа Ранокија, Алесио Крањо, Матео Песина, Андреа Карбони и Самуеле Бириндели.
Галијани не сака тука да застане и според „Скај Спорт Италија“ нова цел е ветеранот Единсон Кавани кој во моментов е без клуб. Тој преку посредниците започнал преговори со Уругваецот кој во минатото блескаше во Италија каде на 212 натпревари во Калчото даде 112 голови за Палермо и Наполи.
Монца сака „деветка“, вистински голгетер и ако успее да го добие Кавани тоа ќе биде огромно засилување за тимот во кој претседател е поранешниот италијанскиот премиер Силвио Берлускони.
Воедно, новиот прволигаш е подготвен да ја засили и одбранбената линија, договарајќи го доаѓањето на Марлон. Бразилецот кој до пред неколку сезони беше член на Барселона ќе пристигне на позајмица од Шахтјор Доњецк, како дел од егзодусот на странските фудбалери од редовите на украинскиот фудбалски гигант.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА