Франција со бледа игра сепак успеа да триумфира над Австралија (2-1) и да стигне до цел плен на својот премиерен натпревар од СП 2018 во Русија. Дидие Дешамп се реши за драстично подмладен состав при што првите единаесетмина беа со просечна возраст од 24 години, а Французите со играта беа далеку под очекувањата на своите навивачи. Сепак, на крајот пресуди класата на „триколорите“, кои благодарение на Пол Погба спречија изненадување на овој премиерен натпревар.
„Триколорите“ тргнаа фуриозно во првите пет минути, упатувајќи три удари кон противничкиот гол што Рајан успеа да ги одбрани. Како што одминуваше времето, така Австралија воспоставуваше контрола на средината од теренот. „Кенгурите“ умешно го користеа фактот дека Франција не игра пресинг, знаеја како да ја задржат топката и да спречат тотална офанзива на противникот. Воедно, Љорис ја имаше и клучната интервенција во првото полувреме кога по несмасната интервенција на Толисо францускиот голман спречи водство на Австралија.
Второто полувреме донесе повеќе возбудувања откако Франција во 58. минута прва поведе, и тоа со првиот ВАР гол во мундијалската историја. Судијата најпрвин покажа дека нема прекршок за пенал по стартот врз Гризман, но на сугестија на колегите од ВАР-собата тој ја прегледа уште еднаш ситуацијата, па се премисли и покажа на белата точка. Токму Гризман го отвори резултатот, но радоста траеше само неколку минути, бидејќи на спротивната страна Јединак израмни, исто така од пенал по почетничката реакција и играњето со рака на Умтити.
„Триколорите“ се мачеа да влезат во препознатливиот ритам, но сепак успеаја да стигнат до ново водство, по една акција на Погба во која топката заврши милиметри зад гол-линијата, а судијата покажа кон центарот.
„Кенгурите“ во финишот направија бројни грешки на средината од теренот, но француските фудбалери не беа на висина на задачата, пропуштајќи неколку ситуации да постигнат и трет гол.
На крајот, „триколорите“ стигнаа до планираните три бода, но и на Дешамп и на сите неговите избраници им е јасно дека ќе мора да играат многу подобро ако сакаат да станат сериозни кандидати за висок пласман на овој мундијал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА