Гарабаја: Горд сум на играчите, максимално се спротиставивме на европскиот шампион

Македонскиот шампион Пелистер загуби од европскиот шампион Магдебург на синоќешниот натпревар во Битола со 26-31 во Групата Б од лигата на шампионите.

„Зелените“ успешно парираа на противникот во добар дел од мечот, извонреден на голот беше репрезентативецот Никола Митревски, па и тренерот Рубен Гарабаја на крајот задоволен од партијата на своите избраници против еден така моќен тим како Магдебург.

„Не можам апсолутно да дадам некаква замерка на ракометарите затоа што ова секако е еден многу поинаков пораз од оној претходниот против ПИК Сегед. Задоволен сум од изданието на моите ракометари, против нас го имавме еден од најдобрите тимови во светот, и затоа горд сум на пристапот кој го имаа играчите. Бевме на посакуваното европско ниво и тоа е најважно“ – истакна Гарабаја по мечот, и дополни:

„Игравме добро во одбрана, но тоа не беше доволно. На почетокот промашивме неколку лесни шутеви, а и лесно губевме топки во првиот дел. Па, екипа како Магдебург не простува такви грешки и успеа да направи разлика која потоа беше многу тешко да се достигне“.

Следен противник на Е. Пелистер во европската елита ќе биде Загреб, кого битолчани веќе го победија на домашен терен.

Се вчитува...