Ракометарите на Е. Пелистер денеска во Битола од 20:45 часот го пречекуваат европскиот шампион Магдебург.
Јасно е дека составот на Рубен Гарабаја го очекува нов тежок предизвик, по поразот од ПИК Сегед на гостински терен, но стратегот на „пелистерци“ пред мечот истакнува дека секој е подготвен да го даде максимумот во желбата за позитивно издание пред своите навивачи.
„Имаме искуство од првиот натпревар со Магдебург против кого навистина е тешко да се игра. Факт е дека треба многу работи да подобриме за да имаме шанси на мечот. Добро е што го имаме комплетниот ростер на располагање, и што ќе ја имаме сега поддршката од навивачите на наша страна. Сите знаат дека во оваа атмосфера во Битола не е лесно да се игра, и тоа ќе се обидиме да го искористиме во наша полза. Видете каква беше разликата со ПИК Сегед дома и на гости. Се надевам дека сега дома ќе одиграме добро и против Магдебург“ – истакнува тренерот на Пелистер.
А, што се однесува до самиот противник…
„Тие постигнуваат многу голови со многу трчање. Лесно е да се каже дека тоа може да се сопре, треба да се реализира на терен и да се биде максимално фокусиран. Само така можеме да парираме на тој тим“ – вели Гарабаја.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

