Ракометарите на Е. Пелистер експресно го насочија вниманието кон следниот предизвик во Лигата на Шампионите, домашниот натпревар со Пик Сегед што на програмата е утревечер со почеток во 20.45 часот.
Стратегот на „пелистерци“, Рубе Гарабаја им ја препушта фаворитската улога на гостите од Унгарија кои имаат скор 3-3 по првите шест рунди (македонскиот првак има 1-5), но истовремено и најавува дека неговиот тим е подготвен за битка.
„Ќе имаме нов тежок меч во Лигата на шампионите, Сегед е одличен тим со неверојатни играчи на сите позиции. Одбраната им е гранитна, шутираат од секаде, особено од далечина. Во екипата е еден одличен голман и можеби едно од најдобрите крила во натпреварувањето, но ние ќе се обидеме да им ги поматиме сметките. Се надевам дека тимот наскоро ќе биде комплетен, тоа ќе биде одлично за нас. Против ПИК Сегед ќе го дадеме нашиот максимум, мојата порака до фановите е дека ќе видат борбен тим со желба за победа“, изјави Гарабаја.
Голманот Саид Хаидарирад ги надмина проблемите со повредата што го мачеше од стартот на сезонава и заедно со Никола Митревски ќе го сочинува голманскиот тандем на овој дуел.
„Се вратив бргу, најмногу благодарение на медицинскиот тим, кој заврши одлична работа. Повредата е во минатото, сега се фокусираме на мечот со Пик Сегед. Очекувам добар резултат и со голем оптимизам го очекуваме дуелот. На сите противници им е тешко во пеколната атмосфера пред нашите гледачи. Нашиот дом е тешко освоив за сите ривали, а тоа ќе го докажеме и на следниот натпревар против Сегед. Мислам дека сме на добар пат, одлично тренираме, тимот е расположен и се наоѓа во позитивен моментум. Не го гледав дербито во Унгарија помеѓу Веспрем и ПИК Сегед затоа што и ние игравме во истиот термин, но од тоа што чув, следниот ривал прикажал извонредна игра. Таму има многу добри и искусни ракометари, затоа мора да сме свесни дека овој меч ќе биде исклучително тежок за нас“, истакна иранскиот голман во таборот на Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

