Гарабаја пред суперкупот: Внимателно, ќе видиме поинаков Вардар

Ракометарите на Е. Пелистер забележаа победи над Вардар на последните два меча одиграни летово, најпрвин во Охрид, а потоа и на регионалниот турнир Скопје 2025. Големите ривали утре во Кавадарци ќе водат нова битка, но овојпат за трофејот од Супер-купот на Македонија.

Стратегот на битолчани, Рубен Гарабаја, ги предупреди своите ракометари дека претходните победи немаат речиси никакво значење бидејќи утрешната борба за трофеј би требало да го извлече најдоброто од Вардар.

„Никогаш не сте целосно подготвени, бидејќи за време на сезоната постојано напредувате и учите. Мислам дека имавме добра претсезона и најважно е што немавме сериозни повреди. Тоа што се случи се до денес – веќе не е важно. Вистинското натпреварување почнува утре со Суперкупот и ќе видиме поинакви тимови. Ќе видеме поинаков Вардар и сигурно поинаков Еурофарм Пелистер. Се надевам дека нашиот тим ќе биде уште подобар за разлика од подготовките.

Мојата идеја е дека секој играч ми треба за секој натпревар, а не за цела сезона. Сакам да го користиме секој ракометар на секој натпревар, бидејќи сакаме да играме силно темпо. Имаме добри играчи на сите позиции и ги имаме по двајца или тројца по позиција. Се надевам дека тоа ќе го искористиме“, изјави Гарабаја.

Се вчитува...