Џампјеро Гасперини не го криеше бесот по поразот на Аталанта на гостувањето во Бриж, по сомнително досудениот пенал во судиското продолжение во корист на белгискиот првак.
„Фудбалот е заразен, тоа веќе не личи на спортот што сите ние го сакаме. Имавме чудни одлуки и во италијанското првенство, но ниту една не е ни приближна на оваа денеска. Евидентно е дека ова е трагедија, никој веќе не ги знае правилата, прашајте тренери и играчи, сите имаат комплетно различно мислење за одредена ситуација, а реалноста е дека треба да постојат децидни правила што сега не е случај. Најразочаран сум од односот на фудбалерите во денешно време, секој гледа да изглуми пенал, да го намести противникот да добие жолт или црвен картон. Затоа велам – фудбалот е инфициран“, бесен беше Гасперини.
Фудбалерите на Аталанта беа бесни на судијата, кој по контроверзната одлука додели и неколку жолти картони на ибраниците на Гасперини.
„Делеше картони, а не кажа зошто. А што треба да правиме сите ние, што треба да прават фудбалерите, да трчаат наоколу како пингвини, со рацете залепени зад грбот, да скокаат како пингвини. Се прави се за фудбалерите да не го кажат она што го мислат, а тие се основата на фудбалот. Затоа и велам, фудбалот станува сосема поразличен спорт од она што го знаеме и тоа ме загрижува“, истакна тренерот на Аталанта.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

