Аталанта во голем стил стигна до првата европска титула во историјата откако калчолигашот од Бергамо во неверојатно финале славеше над Баер Леверкузен со 3-0, нанесувајќи му го на новиот германски првак првиот пораз сезонава во сите натпреварувања.
Тренерот Џампјеро Гасперини имаше причина да биде горд на своите избраници, но искусниот стратег во првата изјава по победата потсети не само на финалето, туку на сите врвни резултати на Аталанта во текот на оваа сезона во европските натпреварувања.
„Пресреќен сум, не само што победивме, туку како победивме. Денеска славевме над новиот шампион на Германија, пред повеќе од еден месец го елиминиравме и Ливерпул, и тоа додека беше лидер на Премиер-лигата. Бевме подобри и од Спортинг, кој е шампион на Португалија… навистина неверојатно, неверојатно достигнување“, изјави Гасперини.
Тој се осврна и на случувањата на големото финале и големата победа што со хет-трик ја донесе Лукман.
„Ги гледавме нивните натпревари, ги проучувавме нивните тактики и знаевме дека можеме да ги „повредиме“, се што треба е што поскоро да дадеме гол и да ги исфрлиме од ритам. Пред две години игравме со Баер во Лигата на Европа, се уште имаме 6-7 играчи од тој период и знаевме што да очекуваме. Тактиката функционираше беспрекорно од првата до последната минута, но најзаслужни за тоа се фудбалерите“, прокоментира стратегот на Аталанта.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА