Италијанската Аталанта во вториот натпревар од плејофот во Лигата на шампионите против белгиски Бриж ќе влезе со гол негатива, откако во првиот натпревар загуби со 1:2 по контроверзниот пенал во додаденото време, а селекторот Џан Пјеро Гасперини изјави дека симулациите го убиваат фудбалот.
Гасперини беше бесен по мечот во Белгија, критикувајќи ги и одлуките по употребата на видео-асистент судија (ВАР) по ремито 1-1 со Торино претходно овој месец.
Неодамна, италијанските фудбалски газди зборуваа за можноста за воведување промени во ВАР, што ќе им овозможи на играчите да ги оспоруваат судиските одлуки, слично како тенисот, но Гасперини не ја поддржува таквата идеја.
„Јас сум против ваквата одлука бидејќи уште повеќе би ја забавила играта, а веќе е бавна поради многуте прекини“, изјави Џан Пјеро Гасперини во пресрет на денешниот реванш против Бриж.
„Ова уште повеќе ја зголеми контроверзноста. Има четворица судии, тројца на ВАР, и тоа ми изгледа многу. Мораме да се бориме со симулации бидејќи тие го убиваат фудбалот. Има работи што можат да ве срушат и мораме да бидеме јасни за контактите што се дозволени. Технологијата треба да дава одговори и да сноси одговорност за донесување одлуки“, коментираше и тренерот на Аталанта.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

