Џенаро Гатузо се наоѓа чекор поблиску до отказ во Наполи откако тимот на нашиот Елиф Елмас беше елиминиран уште во 1/16 финалето од Лигата на Европа. Темпераментниот стратег се соочува со огромни проблеми поради повреди на неколку првотимци, но по вечерашниот дуел со Гранада посебен осврт даде на тактиката на гостите со лежење на теренот да не дозволат да се развие игра.
Шпанците на овој начин направија бројни прекини, па иако судијата продолжи дури 12 минути (пет во првото, седум во второто полувреме) Гатузо смета дека токму тоа била една од главните причини поради кои Наполи не постигнал повеќе погодоци.
„Ајде објаснете ми што беше ова, па во првото полувреме имавме 16-17 минути активна игра, тоа не е нормално. И после ќе кажете Италијанците лежеле по терен, ако некоја наша екипа вака се однесуваше ќе се најдеше на насловните страници по цела Европа“, изјави Гатузо.
Италијанските медиуми најавуваат дека претседателот Де Лаурентис во следните 24 часа ќе му врачи отказ на тренерот на Наполи, а главен фаворит за наследник на Гатузо е Шпанецот Рафа Бенитез.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА