Гатузо пак „виси“ во Милан, Конте е на готовс

Дебаклот на Милан во Лигата на Европа повторно го зголеми притисокот врз Џенаро Гатузо, кому му се заканува и воопшто да не ја дочека новата година на клупата на „росонерите“. Директорот Леонардо во изјавата за медиумите жестоко го нападна судијата, но извори блиски до Бразилецот тврдат дека тој голем дел од вината гледа и кај шефот на стручниот штаб, бидејќи Милан цел натпревар во Атина беше во подредена улога.

Во ситуација кога голем број на врвни тренери се слободни на пазарот, јасно е зошто на Леонардо му се брза, особено во период во кој и Рома и Интер размислуваат за тренерски смени. Прв „пик“ повторно е Антонио Конте, кој и пред два месеци  беше поврзуван со доаѓање на „Сан Сиро“, но поранешниот италијански селектор реши уште извесно време да одмори од фудбалот, продолжувајќи да си ја зема платата од Челси.

Италијанските медиуми тврдат дека Конте е подготвен да се врати, а Леонардо сака да седне на финални преговори со трофејниот стручњак. „Росонерите“ во вторник ќе се сретнат со Болоња и евентуален неуспех ќе значи и дефинитивно заминување на Гатузо, но големи се шансите дури и во случај на триумф раководството на Милан конечно да пресече и да го доведе Конте како предводник на еден подолгорочен проект што би го вратил Милан на триумфални патеки.

Се вчитува...