Џенаро Гатузо, новиот тренер на Милан, доживеа шок на својот прв натпревар, откако не успеа да го победи Беневенто, последнопласираниот тим во Серија А, кој токму денеска го освои првиот бод играјќи 2-2 против „росонерите“. Шокантната завршница сакаше голманот Алберто Брињоли во 95.минута да го постигне израмнувачкиот гол, кога во манир на расен стрелец со удар со глава го совлада Донарума.
Тренерот Гатузо, нормално, е разочаран од ваквиот развој на настаните.
„Подобро да ме прободеа со нож, тоа помалку ќе болеше. Се боревме до самиот крај, и дозволивме да направиме наивен прекршок, од кој Беневенто може да нафрли во нашиот шеснаесетник. А голот ни го даде нивниот голман. Не можете да замислите каква беше сликата во нашата соблекувална по последниот свиреж. Бевме слаби во финишот, имавме и играч помалку по исклучувањето на Ромањоли, но ова не е Милан каков што јас го замислувам. Имаме многу да работиме и да бидеме многу, многу подобри“, изјави Џенаро Гатузо по ремито (2-2) против Беневенто.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

