Џенаро Гатузо и дефинитивно на крајот од оваа сезона ќе го напушти кормилото на Хајдук, откако италијанскиот стратег самиот потврди дека нема намера да остане на „Пољуд“ по слабиот финиш на оваа натпреварувачка сезона.
Сплитските „бели“ долго време беа лидери на табелата и главни фаворити за титулата, но неверојатниот пад во формата во последниот месец значеше и пад на третото место на табелата и губење на сите шанси за трофејот. Незадоволството од работата на Гатузо е огромна, а Италијанецот реши самиот да си замине штом заврши сезонава, напоменувајќи и дека нема намера да ги бара парите од следната година што му следуваат од договорот што го има со Хајдук.
„Дербито со Ријека ќе биде мој последен меч во Сплит. Имам уште една година од договорот, но со адвокатите работиме на тоа да си заминам без тие пари. Не ми треба отпремнина, јас сум таков човек, сакам да сум платен само за тоа што ќе го одработам и за ништо друго. Ова е голем клуб во мал град, што секогаш е тешко. Страста на навивачите отсекогаш ми се допаѓаше, Хајдук е стил на живот, родителите ги носат децата од две години на стадион, се навива од мали нозе. Јас сум горд што имав можност да бидам тренер на овој клуб“, изјави Гатузо на денешната прес-конференција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

