Американската тенисерка Коко Гауф, денеска беше елиминирана од Дона Векиќ од Хрватска во 1/8 финалето на женскиот тениски турнир на ОИ во Париз. Еден од клучните моменти се случи во вториот сет. Векиќ ја испрати топката кон Гауф, топчето падна во близина на линијата, а линискиот судија извика дека е аут, а Гауф ја испрати топката во мрежа. Сепак, главниот судија ја смени одлуката и досуди дека топката беше внатре. Тоа значеше и брејк за Векиќ.
Гауф во солзи протестираше кон судијата, тврдејќи дека повикот од линискиот судија влијаел така да ја врати топката, и дека гемот треба да се повтори. Но, главниот судија не дозволи.
„Неколку пати оваа година ми се случи да почувствувам дека морам да бидам свој адвокат на теренот. Мислам дека ни треба ВАР систем во тенисот бидејќи ваквите бодови се голема работа. Нормално, тие се извинуваат потоа, но тоа е малку фрустрирачки“, рече Гауф по натпреварот и додаде:
„Не можам да кажам дека ќе го освоев мечот доколку го освоев тој поен. Можеби повторувањето на тој поен ќе направи голема разлика. Но, нема да кажам дека еден поен влијаеше резултатот затоа што веќе губев пред тоа да се случи“, кажа Гауф.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА