Газдите на Ал Хилал доаѓаат во Париз да го убедуваат Мбапе

Ал Хилал не се откажува лесно од намерата да го доведе Килијан Мбапе макар и на една година, со што би се испишала историја како најскап фудбалски трансфер на сите времиња.

Понудата од 300 милиони евра до ПСЖ е веќе прифатена, но потешкиот дел од задачата е да се убеди самиот фудбалер да си замине од „Паркот на принцовите“. Јавна тајна е дека Мбапе веќе има договор со Реал Мадрид од 2024 година, но на челниците на Ал Хилал тоа не им пречи, па сакаат да го ангажираат супер-голгетерот со едногодишен договор. Загарантираната плата би изнесувала 200 милиони евра по сезона, а Ал Хилал е подготвен и целосно да му ги препушти сите приходи од имиџ-правата, што со загарантираните спонзорски договори во Саудиска Арабија би изнесувале неверојатни 500 милиони евра годишно.

Овој 24-годишен фудбалер експресно ја одби понудата, но челниците на Ал Хилал немаат намера да се откажат без борба. Делегација на клубот од Саудиска Арабија на чело со највисокото раководство денеска ќе допатува во Париз и во следните 24 часа ќе има средба лично со Мбапе и со неговото семејство. Се очекува газдите од Саудиска Арабија да дадат дополнителни гаранции дека Мбапе би ги добил сите пари (700 милиони евра за една година) доколку потпише за овој клуб, а не се исклучува ниту можноста понудата да биде зголемена за дополнителни 100 милиони евра.

Конечниот збор сепак ќе го има самиот фудбалер, кому јасно му е ставено до знаење дека нема шанси да заигра за ПСЖ. На Мбапе е дали да тера инает на сегашниот клуб и да мине цела сезона на трибини пред да заигра за Реал, или добро да го наплати интересот од Саудиска Арабија.

Се вчитува...