Интер е најновиот клуб што покажува сериозен интерес за да го доведе македонскиот репрезентативец Елиф Елмас по извонредниот настап на нашиот интернационалец на дербито со Галатасарај. Италијанскиот весник „Газета дело спорт“ објави дека скаутите на „нероаѕурите“ биле воодушевени од играта на Македонецот, давајќи препорака експресно да биде понудена и понуда за негов ангажман.
„Газета“ тврди дека Елмас е една од четирите големи желби на Интер за новата сезона, а италијанскиот гигант за неговиот ангажман е подготвен да издвои 15 милиони евра. Покрај Елмас, на листата со желби на „нероаѕурите“ се наоѓаат уште и Николас Пепе од Лил, Федерико Киеза од Фиорентина и Илкај Гундоган од Манчестер Сити.
Само за потсетување, претходно интерес за Елмас искажаа и Фиорентина и Лацио, но најсериозни во намерата за ангажман на Македонецот досега делуваат челниците на Тотенхем. Сепак, интересот на гигант како Интер може да ги промени плановите на Елмас, за негова евентуална преселба на „Џузепе Меаца“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

