Како дел од новиот лист што го врти кошаркарската репрезентација повторно дел од националниот тим е Тодор Гечевски. Долгогодишниот репрезентативец овојпат ќе ја има улогата на директор, се со цел Гечевски да даде свој придонес во остварувањето на целта – пласман во главните квалификации за СП 2019.
„Веднаш по именувањето на Давитков за селектор бев контактиран од претседателот Наумоски. Се договоривме неофицијално да ја имам директорската функција, на која не можам максимално да и се посветам поради лични причини. Сепак, тука сум за да помогнам, со своето знаење и искуство да дадам свој придонес за да се пласираме во следните квалификации, а таму да се сретнеме со многу поквалитетни репрезентации, средби што сигурно повторно ќе ја вратат популарноста на кошаркарскиот спорт кај нас“ – изјави Гечевски.
Тој дојде во ВИП Арена придружуван од Перо Антиќ и од Ѓорѓи Чековски, двајца долгогодишни репрезентативци чиј настап во овие претквалификации е неизвесен.
„Според она што јас го знам, Чековски ќе му помогне на националниот тим. Со 99% сигурност можам да кажам дека тој ќе игра во овие претквалификации. Што се однесува до Антиќ, ситуацијата е покомпликувана, тој имаше долга и исклучително напорна сезона и ќе му треба време за да одлучи. Секако дека станува збор за играч што вреди да се чека, искрено се надевам дека на крајот ќе прифати да игра за да ја вратиме македонската кошарка онаму каде што припаѓа“ – вели легендарниот центар на македонската репрезентација, сега во поинаква улога, но сепак повторно дел од националниот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА