Гедбан си оди од Пелистер и прави место за битолската ракометна легенда

Калифа Гедбан на крајот од оваа сезона ќе го напушти македонскиот првак Е. Пелистер откако алжирскиот голман веќе го договори летниот трансфер во Бундес-лигата.

Ерланген ќе биде нов клуб на алжирскиот чувар на мрежата, откако тој веќе го потпиша договорот што ќе почне да важи од јули 2024 година. Гедбан пристигна како големо засилување за голманската позиција, засега имаше само повремени блесоци на голот на битолчани, кои не сакаа да влезат во „лицитација“ за да го обезбедат неговиот потпис за наредната сезона, оставајќи ја отворена вратата за преселба на Алжирецот во Бундес-лигата.

„Иако е многу висок, Гедбан е неверојатно агилен и флексибилен што го прави извонреден голман. Неговото меѓународно искуство дефинитивно ќе ни помогне“, изјави тренерот на Ерланген, Хартмут Мајерхофер.

Заминувањето на Гедбан според е сосема очекувано ако се знае дека Е. Пелистер веќе подолго време се обидува да постигне договор со Никола Митревски. Битолчанецот бранеше во родниот град додека клубот го носеше името Е. Работник, потоа се пресели во Порто, а ако се знае дека Митревски има договор со Порто до крајот на сезонава, јасно е зошто „пелистерци“ тргнуваат во тотална офанзива за да го потпишат Македонецот како едно од главните засилувања за наредната натпреварувачка сезона.

Се вчитува...