Натпреварот меѓу Шкендија и Струга ТЛ во Тетово овој викенд во претпоследното коло од првенството се очекува да го даде новиот шампионот на Македонија.
Пред дерби пресметката, новиот тренер на стружани, Меритон Гега направи паралела и со изненадувањето во Лигата на шампионите на мечот меѓу Борусија Дортмунд и ПСЖ. Дава фаворитска улога на Шкендија, но вели дека и неговиот тим е подготвен за изненадување.
„Имаме млад тим и навистина сме среќни што се бориме за титулата. Резултатот ќе го одлучат мали детали, на играчите им кажав дека тој натпревар со Шкендија ќе биде дуел за уживање за нив. Имам верба во целиот тим и уверен сум дека ако одиграме максимално како што знаеме ќе дојдеме до посакуваната победа. Во модерниот фудбал парите не победуваат, тоа го докажа Борусија Дортмунд против ПСЖ. Се надевам на истото сценарио и во Тетово. А, потоа ќе размислуваме за последниот меч со Шкупи во Струга. Да ја повториме историјата“ – вели Гега, кој добро знае со што располага неговиот тим.
„Иако не бев главен тренер, бев блиску до тимот во секое време, од почетокот на првенството. Можам да кажам дека играчите беа мотивирани, имаме одлична атмосфера во клубот по таа одлична сезона. Нашата порака како стручен штаб отсекогаш била дека мораме да се подобриме уште повеќе и да бидеме уште подобри од претходната сезона. Долго ќе го паметам мечот со Гостивар бидејќи јас дебитирав со победа, а секако би бил најсреќниот човек ако успеема да славиме и на последните два меча од првенството“.
Натпреварот меѓу Шкендија и Струга на Градскиот стадион во Тетово се игра во недела од 17 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА