Македонската репрезентација имаше генерална проба за мерка пред историскиот прв настап на Европското првенство 2020. Македонија со убедливи 4-0 славеше против селекцијата на Казахстан со головите на Езгијан Алиоски од пенал во првото полувреме, и Иван Тричковски, Милан Ристовски и Дарко Чурлинов во вториот дел.
Македонија по почетната тотална доминација до предност дојде со голот од пенал на Езгијан Алиоски во 35. минута, откако претходно Елиф Елмас по еден маестрален соло-продор беше фаулиран во противничкиот шеснаесетник.
Кој ќе биде победник на дуелот беше јасно во 45. минута откако Мужиков кај Казахстанците доби црвен картон по жестокиот старт врз Кире Ристевски.
Па, во второто полувреме македонската агресивност вроди со плод во 57. минута кога Пандев испрати одлична топка до Костадинов а по неговата асистенција во противничкиот шеснаесетник, Тричковски од 7-8 метри погоди за 2-0.
Во 62. минута можност за свое деби во А-репрезентација доби Милан Ристовски. И веќе во 74. минута помладиот брат на Стефан Ристовски ефектно со глава постигна гол за 2-0.
А, во 76. минута деби-гол за сениорската селекција и за Дарко Чурлинов, кој одлично реагираше пред голот на гостите по асистенцијата на Александар Трајковски.
Игор Ангеловски денешниот натпревар против Казахстанците го почна во следниот состав: Димитриевски, Ристовски, Муслиу, К. Ристевски, Николов, Костадинов, Спировски, Алиоски, Елмас, Пандев и Тричковски. Во вториот дел во игра влегоа и: Аврамовски, М. Ристовски, Трајковски, Чурлинов, Бејтулаи и Крсте Велкоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА