Генијалноста на Аталанта: Наследникот на Папу Гомез доведен за 700.000 евра

Спортскиот директор на Аталанта, Џовани Сартори, повлече уште еден фантастичен потег на пазарот откако за сума помала од еден милион евра успеа да го доведе во Бергамо асот на Шахтјор, Виктор Коваленко. Украинскиот плејмејкер беше „пикиран“ како прв избор во потрагата по наследник на Папу Гомез, а неколку дена откако Аргентинецот беше продаден во Севилја, денеска и официјално е комплетиран трансферот на Коваленко во Бергамо.

Вкупната вредност на трансферот изнесува само 700.000 евра, скромна сума пред се поради фактот дека договорот на Коваленко со Шахтјор истекуваше на крајот од сезонава, па украинскиот клуб во последниот ден од преодниот рок беше принуден да го продаде, за да не се случи по неколку месеци тој да си замине без никаква отштета.

Коваленко важи за извонреден потенцијал, претходно беше поврзуван со клубови од Премиер-лигата, но тогаш преговорите се „оладија“ бидејќи Шахтјор бараше почетни 20 милиони евра во преговорите. Токму затоа, овој трансфер се оценува како „грабеж на годината“, особено ако се земат во предвид и изјавите на тренерот Гасперини, кој најави дека е подготвен веднаш да го вклучи Украинецот во првиот тим, демантирајќи ги шпекулациите дека Коваленко најпрвин ќе замине на шестмесечна позајмица во Џенова.

Се вчитува...