Генијалците од Ајакс – Избрусија четири „дијаманти“ за 12 милиони евра, па ги продадоа за 240 милиони

Ајакс отсекогаш бил препознатлив по „производство“ на врвни млади фудбалери, а во ерата на модерниот фудбал холандскиот гигант успева извонредно да ја наплати оваа клупска политика. Доказ за тоа се четирите големи „ѕвезди“ што Ајакс ги продаде во изминатите петнаесетина месеци, кои донесоа заработка од 228 милиони евра.

Френки де Јонг е дел од младинската школа на Вилем, клуб од каде дојде во Ајакс во 2015 година. Отштетата изнесуваше само еден милион евра, но Вилем заработи многу повеќе од клаузулата за 10% од следниот трансфер, откако плејмејкерот израсна во еден од најдобрите млади играчи во Европа и беше продаден за 75 милиони евра на Барселона.

Рамо до рамо со Де Јонг минатото лето беше Матијс де Лихт, младиот дефанзивец кој како капитен важеше за лидер на Ајакс при пласманот до полуфиналето од Лигата на Шампионите. Тој е „дете на Ајакс“, уште од деветгодишна возраст беше дел од овој клуб, а кога гигантите почнаа да се „тепаат“ за негов потпис, холандскиот гигант заработи 75 милиони евра од неговата продажба.

Дони ван де Бек во август 2014 година потпиша за академијата на Ајакс, а најпрвин настапуваше за Д-тимот на „црвено-белите“. Во последните три години неговата кариера бележеше неверојатен раст, па веќе е договорен трансферот во Манчестер Јунајтед за 50 милиони евра.

Најскапа инвестиција од четирите за Ајакс беше Хаким Зијеш, откако беа платени 11 милиони евра за негов ангажман од Твенте, по одличната сезона во која Мароканецот имаше 17 погодоци и 10 асистенции. Зијеш ги оправда очекувањата, неколку сезони беше меѓу најдобрите фудбалери во Ајакс, а летово беше дадено зелено светло за неговиот трансфер во Челси вреден 40 милиони евра.

Или севкупно, четири млади играчи за чиј ангажман Ајакс плати вкупно 12 милиони евра, ги „избруси“ во „фудбалски дијаманти“, па ги продаде за 240 милиони евра.

Секоја чест за директорите Ван дер Сар и Овермас…

Се вчитува...