Гео Стојановски во фокусот на бугарските медиуми – Во Топ 10 асистенти и со три гола за Спартак Варна по есенскиот дел (ВИДЕО)

Младиот македонски интернационалец Георг Стојановски е во фокусот на бугарските медиуми со своите изданија оваа есен во дресот на суперлигашот Спартак Варна.

21-годишниот Стојановски во финишот од првиот дел од сезоната го привлече вниманието на бугарската јавност со демонстрираните партии, издвојувајќи се, иако се работи за класичен напаѓач, и по бројот на асистенции за својот тим. Па, Гео Стојановски на крај заврши во Топ 10 асистенти по есенскиот дел од сезоната во најсилната лига на Бугарија, дополнети и со три погодоци, иако во официјалната статистика еден е запишан како автогол на противничкиот дефанзивец.

Георг Стојановски, кој потекнува од фудбалската школа на Вардар за чиј прв тим дебитираше на 17-годишна возраст, претходно има настапи и за Тетекс, Работнички и Шкупи во македонското првенство пред да се пресели во Спартак Варна.

„Заедно со мојот дедо Ѓоко Хаџиевски пристигнавме во Варна на почетокот од сезоната. И може да кажам дека минав одлична полусезона. Мило ми е што сите брзо разбраа дека нема никакво влијание тоа што Хаџиевски е мој дедо, а единствено игрите на терен станаа мерило за мојот настап во клубот. Верувам дека во пролетниот дел од сезоната ќе следат уште подобри изданија за Спартак Варна“ – вели Стојановски за бугарските медиуми.

Се вчитува...