Ракометниот шампион на Македонија Вардар в четврток на домашен терен ќе го пречека унгарскиот Веспрем во првиот натпревар од осминафиналниот двомеч во Лигата на шампионите.
По поразот во македонското класико против Еурофарм Пелистер, „црвено-црните“ сега ги очекува нов голем предизвик, кој може да ги вивне или во врвот или да ги испрати на дното.
Крилото на „вардарци“, Гоце Георгиевски вели дека противникот е добро познат, и дека станува збор за квалитетен тим. Исто така ги повика навивачите да дадат поддршка.
„Добро познат противник. Сите знаеме дека Веспрем е многу квалитетен тим. Се подготвувавме овие неколку дена колку што можевме за нив. Ги повикувам сите да ни дадат поддршка бидејќи ќе ни биде многу потребна. Ќе гледаме да испочитуваме се што бара тренерот од нас. Ако успееме тоа да го пренесеме на теренот, големи се шансите да имаме позитивен резултат“, вели крилото на „вардарци“.
Тој додаде дека патникот во следната фаза ќе се решава на реваншот.
„Некогаш и пет гола не се доволни, а некогаш и еден е доволен. Така да не мора да значи ниту една предност од првиот меч.“, заврши Георгиевски.
Натпреварот кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје меѓу Вардар и Веспрем е закажан за во четврток со почеток во 18.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА