Гоце Георгиевски не беше на посакуваното ниво на стартот од дуелот со Тунис, промашувајќи ги трите удари што ги упати кон голот на противникот. Десното крило влезе во ритам во вториот дел, погоди неколку шутеви во клучните моменти и имаше значаен придонес во стартната победа.
„Почетокот беше далеку под очекувањата, можеби постоеше и мал притисок, но тој исчезна со постигнувањето на првиот погодок. Знам дека можам многу подобро и очекувам тоа да го потврдам веќе на следниот натпревар“ – со оптимизам гледа кон следните предизвици десното крило на ЧСМ Букурешт.
А наредниот натпревар на програмата е веќе утре, пресметката со Ангола, за која Георгиевски како и останатите репрезентативци е свесен дека е ривал што не смее да се потцени.
„Гледавме натпревари на оваа селекција и сметам дека е поквалитетна од она што го прикажа на стартот со Словенија. Секако дека ние ја имаме фаворитската улога, но таа ќе треба да се оправда на теренот, мораме да останеме максимално сконцентрирани и во ниту еден момент да не го потцениме противникот. Ангола има проблеми со транзицијата, пред се со враќањето назад, тоа е нешто што можеме да го искористиме за да влеземе во ритам, да постигнеме лесни голови и да стигнеме до победата“ – истакнува Гоце Георгиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА