Македонската репрезентација ја очекуваат последните два квалификациски натпревари со Украина и со Чешка кои директно решаваат за пласманот на ЕП 2018 во Хрватска. Десното крило на македонската репрезентација, Гоце Георгиевски, оптимистички најавува дека работата може да се заврши и местото на ЕП да се обезбеди веќе на гостувањето во Суми на 10 јуни, доколку Македонија биде максимално фокусирана на овој дуел.
„Имаме многу изедначена група, се гледа и по истиот број бодови што ги имаат сите четири репрезентации по првите четири натпревари. Се работи за селекции со изедначен квалитет. Досега сите репрезентации ги добија натпреварите на домашен терен. Знаеме со што се соочуваме и што ни претстои на овие два натпревари. Мислам дека пред се треба да се насочиме и да се фокусираме на оној прв меч со Украина бидејќи тука може да завршиме голема работа за пласманот на ЕП. Приоритет ни е Украина, па потоа ќе размислуваме за Чешка“ – вели Георгиевски.
Македонската репрезентација денеска се собра во некомплетен состав без дел од интернационалците кои ќе доцнат неколку дена поради клупските обврски во Германија и во Шпанија. И иако не останува многу време за пдоготовки пред двата решавачки натпревари, македонската репрезентација предводена од селекторот Раул Гонзалес, има доволно искуство и квалитет да стигне до целта.
„Оптимист сум дека можеме да завршиме работа уште на овој дуел со Украина. Некако не ми оди математиката, да сметаме што би било ако би било во последното коло. Мислам дека ќе се подготвиме на најдобра можен начин ќе ги анализираме, знаеме дека се квалитетна репрезентација и дека ги победија дома и Исланд и Чешка. Но, се надевам дека ние ќе извлечеме позитивен резултат на ова гостување“ – вели Гоце Георгиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА