Двете десни крила, капитенот Гоце Георгиевски и Ален Ќосевски ги продолжија договорите, и во следната сезона ќе настапуваат за Вардар.
„Клубот работи на формирање на тимот што следните сезони ќе се натпреварува, а двете домашни крила се дел од оние играчи со кои се продолжени договорите. Се работи на ангажирање на засилувања со кои Вардар и следните сезони ќе атакува на висок пласман во домашното првенство и во европските купови“ – информираат од црвено-црниот табор.
Гоце Георгиевски од 2020 година е дел од Вардар, откако претходно настапуваше за ЧСМ Букурешт, Феникс Тулуз и Металург. Во 2023 година ја заврши репрезентативната кариера и остана верен на „црвено-црните“. Со клубот има освоено две шампионски титули, три куп-титули и еден Суперкуп.
Ќосевски е дете на Вардар, а претходно настапуваше за екипата на Вардар јуниор и за Работнички, во сезоната 20/21 кога сите млади играчи од Вардар беа дел од тој клуб. Со екипата има освоено две куп-титули, еден Суперкуп и еднаш бил шампион на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА