Георгиевски: Македонија знае како се победува на ЕП

Гоце Георгиевски одигра извонредно на пријателскиот дуел со Србија, но крилниот ракометар е свесен дека клучните предизвици стартуваат од сабота, почнувајќи со премиерниот дуел на ЕП 2018 против селекцијата на Словенија. Иако Македонија одигра добро на двете контроли против Саудиска Арабија и Србија, нашите репрезентативци се свесни дека ќе мора да бидат уште повисоко ниво за да стигнат до посакуваниот резултат на претстојното Европско првенство.

Добро ни дојдоа овие две контролни средби. Победивме, покажавме дел од оние работи кои ги трениравме во изминатиот период, но исто така и има простор за уште повеќе да се напредува. Оваа седмица пред нас се уште неколку тренинзи во Скопје пред заминувањето за Хрватска, имаме уште неколку работи кои треба да ги поправиме до стартот на европското првенство. Резултатот од контролите не е толку важен, мораме да продолжиме да работиме, да го слушаме селекторот“ – вели Гоце Георгиевски.

Тој посочи дека примарна цел е да се стигна до втората фаза, за што неопходна ќе биде најмалку една победа. Македонија има сили за такво нешто, но ќе мора квалитетот да го покаже на теренот во Загреб.

Не би сакал однапред да прогнозирам до каде можеме да дотуркаме, најважно за нас е да останеме присебни, да одиме од натпревар во натпревар. Нашата примарна цел е да се пласираме во тој втор круг, имаме квалитет за да се најдеме во Вараждин, но мораме тоа да го покажеме на теренот. Првите средби секогаш се најважни, така и оваа саботната за нас против Словенија“ – истакнува десното крило на нашиот национален тим.

Редовните учества на големите натпреварувања според Георгиевски ќе дадат дополнителен квалитет во играта на нашиот национален тим во Загреб.

„Како што изминуваат годините оваа репрезентација созрева. Имаме искусни ракометари, кои сега се потпомогнати и со помлади играчи кои веќе неколку првенства се со нас и добиваат драгоцено искуство на големите натпреварувања. Имаме една зрела репрезентација која знае како се победува на средби на ЕП и СП и знае како да се носи со предизвиците на овие шампионати“ – оптимист е Гоце Георгиевски.

Се вчитува...