Ракометниот шампион на Македонија утре на гостински терен против Монпелје ќе го одигра првиот натпревар во 2022 година во Лигата на шампионите. По катастрофалниот крај на минатата календарска година, Веселин Вујовиќ беше заменет од Давид Дејвис кој ќе има за задача во вториот дел да успее да ги одведе „црвено-црните“ во нок-аут фазата.
Крилото на „вардарци“ Гоце Георгиевски вели дека иако играат против најдобриот тим во групата, тие нема да се предадат и верува во поволен резултат.
„Прв натпревар во вториот дел од Лига на шампиони. Озбилен противник кој е водечки во нашата група. Самото тоа што се први на табелата кажува за каков противник станува збор. Одиме во Франција да се надигруваме со нив и нема да се предадеме. Тие не победија на домашен терен, но сега имаме нов тренер нов систем и верувам во поволен резултат иако се многу квалитетни. Ќе биде навистина тешко. Гледавме некои нивни натпревари, се работи за феноменална екипа, но имаме шанси и треба да се надеваме на поволен резултат“, изјави Георгиевски.
Натпреварот меѓу Монпелје и Вардар е закажан за утре со почеток во 18.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА