ЕКИПА на ЕП во Хрватска
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Очајното издание на Црна Гора на првиот дуел од овој шампионат против Германија нема да ги залаже нашите ракометари, кои се свесни дека против себе имаат квалитетен противник што во ниту еден момент не треба да се потцени.
„Против себе имаме квалитетна и крајно незгодна репрезентација. Тие ќе дадат се од себе за да стигнат до победата, знаат дека можат да играат многу подобро отколку со Германија, тоа го знаеме и ние, па не се залажуваме со слабата игра од отворањето на ова ЕП. Фокусирани сме, го оставивме зад себе дуелот со Словенија и со мислите сме целосно насочени на пресметката со Црногорците“ – изјавува десното крило Гоце Георгиевски.
Противникот е значително ослабен со неиграњето на Вуко Борозан, но Георгиевски смета дека Црногорците се уште имаат моќна бековска линија.
„Неиграњето на Борозан е проблем за нив, но не смее да се заборави дека Црна Гора има и други одлични ракометари во своите редови. Клучно според мене ќе биде да се запрат нивните бекови, тука е Липовина кого го познаваме од времето во Металург, но и уште неколку играчи кои лесно влегуваат во голгетерски ритам доколку им биде оставен простор“ – анализира Гоце Георгиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА