ЕКИПА во Дебрецин,
Стеван Цаневски
Македонската ракометна репрезентација иако покажа одлична игра загуби од Словенија со 27-25 на старот на Европското првенство 2022 во Унгарија и Словачка.
Еден од поискусните во тимот, крилото Гоце Георгиевски вели дека нормално е да има разочарување по пораз, но мора да се извлече позитивна поука бидејќи одиграле одличен меч.
„По загубен натпревар нормално е да има разочарување. Мислам дека треба да извлечеме позитивна поука од мечот против Словенија затоа што одигравме добар натпревар. Кажав и претходно, не беше квалитетен ниту од наша, ниту од нивна страна имаше многу грешки од двете страни, но ние сме млада репрезентација во една транзиција и ова за младите е големо искуство. Мислам дека репрезентацијата е на прав пат и не треба да не разочарува овој пораз“, вели Георгиевски.
За следниот меч со Црна Гора, тој вели дека им „лежат“ повеќе од Словенија и се надева на нов позитивен резултат…
„Нема многу време до мечот со Црна Гора, но за сите е исто. Колку што можеме ќе ги анализираме денеска ќе имаме и тренинг. Не се сомневам дека добро ќе се подготвиме за тој натпревар кој исто така ќе биде многу тежок како тој против Словенија. Имаат многу проблеми со позитивни случаи, но нормално е дека повеќе ни одговара нивната игра од таа на Словенија. Имаме многу победи со нив во минатото и се надевам дека така ќе биде и утре“, заврши Георгиевски.
Натпреварот против Црна Гора е закажан за утре со почеток во 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА