Георгиевски по големиот успех: Македонија ми е пред се, живеам за олимписки медал

Дејан Георгиевски оствари фантастичен успех со обезбедената олимписка норма за учество на ОИ во Токио. Георгиевски беше фантастичен на квалификацискиот турнир за таекводно што се одржа во Софија, каде во категоријата над 87 килограми Македонецот во извонредна борба го совлада актуелниот олимписки шампион Радик Исаев од Азербејџан.

Македонскиот олимпиец не ја крие гордоста по одличниот резултат, но истовремено и најавува дека ќе стори се за да си го оствари големиот сон – медал на ОИ во Токио.

„Со ваков тим, со ваков темелен и долгогодишен план, со ваква поддршка од семејството, со ваква поддршка, особено со моите тренери Борче и Дарко Костовски оваа олимписка норма беше реална и остварлива работа на огромно задоволство на сите нас, пред сè за Македонија!Кога почнав да тренирам имав сон да учествувам на олимписки игри, кога станав европски сениорски шампион сонот порасна, тој сега е да донесам медал од олимписки игри! На моите тренери сакам да им порачам дека ќе дадам сѐ од себе и понатака, дека нивниот неверојатен труд, нивната пожртвувана посветеност и стручност ќе ја оправдам максимално на олимписките игри во Токио! Јас живеев и ќе живеам за олимписки медал, пред и над сè за Македонија“, напиша Георгиевски на својот профил на социјалните мрежи.

Се вчитува...