Георгиевски: Турците ќе одат на се или ништо, но в недела ќе се прашува Македонија

Македонските ракометари се вратија од Луксембург и со мислите веќе се насочени кон следниот натпревар, неделниот дуел на домашен терен против селекцијата на Турција (18 часот, СЦ „Борис Трајковски).

„Црвено-жолтите“ го имаат осигурано пласманот на ЕП, Турција мора да слави за да дојде до виза за европскиот шампионат, па јасно е дека гостите максимално мотивирани ќе влезат во дуелот против нашите ракометари, доволно предупредување дека мора да се одигра на највисоко ниво ако се сака победа.

„Се подготвуваме за противникот, кој ќе биде засилен во однос на оној прв натпревар во Турција што рутински го добивме. Го гледавме последниот дуел на Турците со Португалија, јасно ни е дека ќе бидат максимално мотивирани, тие ќе одат на се или ништо бидејќи се свесни дека со победа можат да стигнат до историски пласман на ЕП. Сепак, тоа е само нивна математика, а в недела ќе се прашува Македонија. Квалитетот е на наша страна и ако одиграме како што знаеме очекувам да стигнеме до посакуваниот резултат. Ние сакаме да ги завршиме овие квалификации како што доликува на една квалитетна репрезентација, со сигурна победа на домашен терен да го осигураме пласманот на ЕП 2024“, изјавува Гоце Георгиевски, еден од најискусните во нашиот репрезентативен табор.

Неделниот натпревар ќе биде од посебно значење за Георгиевски, кој и официјално ќе стави крај на репрезентативната кариера.

„Гледам да сум фокусиран само на мечот, но не може да се побегне од фактот дека тој дуел ќе ми биде последен во репрезентативниот дрес. Чувствувам еден вид на позитивна трема, генералното чувство е максимално позитивно бидејќи зад себе оставам бројни убави моменти во дресот на Македонија“, вели популарниот „Џомба“.

Се вчитува...