ЕКИПА во Будимпешта,
Билјана Б.Петрушева, Кристијан Димевски
Ѓер е првиот финалист и ќе ја брани титулата на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во Будимпешта. Во првото полуфинале на годинашниот завршен турнир, актуелниот европски шампион го победи романскиот ЧСМ Букурешт со 20-26 и втора година по ред ќе игра во финалето на Ф4. А, за да биде и финалето реприза од лани, на потег е Вардар кој ќе треба да го победи Ростов Дон во вториот полуфинален дуел што стартува од 18 часот во „Ласло Пап Арена“ во Будимпешта.
Враќањето на Нора Морк на теренот по неколкумесечната пауза поради повреда, бепе само најава дека Ѓер ќе ги мобилизира сите сили да стигне до уште едно финале. А почетокот на мечот само беше потврда на силата и решеноста на избраничките на тренерот Амбрс Мартин да се борат за четвртата титула во ЛШ.
Едуарда Аморим Талеска го постигна првиот гол на Ф4 турнирот во Будимпешта за стартно водство на Ѓер, а Стине Офтендал и Анита Горбиц го зголемија почетното водство на Ѓер на 3-0. Полни 11 минути, ракометарките на ЧСМ Букурешт не успеваа да најдат решение за одбраната на Ѓер и за расположената Кари Гримсбо на голот.
Лошата серија на романскиот шампион конечно ја прекрши Кристина Негу постигнувајќи го првиот погодок за ЧСМ Букурешт за 1-3. По уште една серија промашувања, Пер Јохансон беше принуден да го искористи првиот тајм-аут уште во првата четвртина и да се обиде да го врати тимот во ритам. На десет минути пред крај на првиот дел, ЧСМ Букурешт беше на достижни -2 (6-8).
Неагу како вистински предводник го држеше ЧСМ Букурешт во игра и со својот трет гол, намали на 9-10 во 25.минута до натпреварот. Првата шанса за изедначување (10-11) ЧСМ ја имаше на три минути минути пред крај на полувремето, но контрата на Барбоса заврши во стативата, а Нике Грот на спротивната страна казни за водство на Ѓер со 10-12, резултат со кој двете екипи заминаа на одмор.
Во силно темпо Ѓер го отвори и второто полувреме и поведе со 11-14, а потоа и со 13-16. Сепак, ни ЧСМ Букурешт, а посебно Кристина Неагу не се откажуваа однапред. И токму со петтиот погодок на неагу, романскиот тим повторно дојде на минимална негатива 15-16. Грубишиќ сопре два напади на Ѓер,а Аманада Куртовиќ погоди за ново изендачување на 16-16 во 41.минута од натпреварот.
По неколку напади без реализација, Нике Грот одново го врати Ѓер во позитива, а потоа тргна офанзивата на унгарскиот тим со серија од 4-0 за водство од 15-20 на десет минути пред крај.
ЧСМ Букурешт се обидуваше да најде решение за агресивната игра на унгарскиот првак, но, не успеа да излезе од инфериорната позиција во овој дуел ни во последните минути. Ѓер ја имаше победата во раце и сигурно ја чуваше предноста. Аморим со погодокот од својата половина на празниот гол на ЧСМ Букурешт, го однесе Ѓер на +6 (18-24) и практично стави печат на ова полуфинале на три минути пред крај.
Нике Грот постигна седум, Анита Горбиц и Стине Офтендал додадоа по пет гола во победата за ново финале на Ѓер. Кај ЧСМ Букурешт, најефикасна вообичаено беше Кристина Неагу со шест гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА