Амандин Лејно и дефинитивно својата кариера ќе ја продолжи во дресот на Ѓер, откако потпиша договор на една плус една сезона со актуелниот европски првак. Французинката и сезонава брани одлично за Вардар, па по најавите за распад на женскиот клуб на „црвено-црните“ таа немаше проблем да најде нов ангажман, потпишувајќи договор со унгарскиот гигант.
„Овој трансфер многу ми значи бидејќи тоа е најдобриот клуб во ракометната историја. Секоја ракометарка сака да дојде и да игра во ваква екипа. Ми се укажа шанса и пресреќна сум што ќе бидам дел од Ѓер“ – изјави Лејно за официјалната веб-страница на унгарскиот ракометен гигант.
Французинката најверојатно ќе биде единствената „вардарка“ што на крајот од сезонава ќе се пресели во Ѓер откако стана јасно дека Драгана Цвијиќ нема да и се придружи со трансфер во овој клуб. Европскиот првак беше во потрага по нов врвен пикер, но по долго размислување наместо Цвијиќ ја ангажираше Кари Братсет, норвешката интернационалка што ќе пристигне од Вајперс Кристијанштад.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА