Ракометните федерации на Данска и на Германија кои ќе бидат заедно домаќини на следното Светското првенство за ракометари во 2019 година, на прес конференција ги претставија градовите што ќе бидат домаќини на шампионатот.
Светското првенство ќе биде отворено на 10 јануари со првиот натпревар на Германија во „Мерцедес Бенц Арена“ во Берлин со капацитет од 14.800 гледачи. Берлин ќе биде домаќин на прелиминарната група во која ќе игра репрезентацијата на Германија. „Олимпик хале“ во Минхен (12.000 гледачи) ќе биде домаќин на една од прелиминарните групи без Германија. Во „Ланксес Арена“ во Келн (19.500 гледачи) ќе се игра една од групите од главната фаза во кој ќе биде Германија доколку обезбеди пласман, а во „Барклеј Арена“ во Хамбург (13.300 гледачи) ќе се игра полуфиналето.
Во Данска, градови домаќини се Копенхаген со „Ројал Арена“ (15.000 гледачи) и Хернинг со „Јиск Банк Боксен Арена“ (15.000 гледачи) каде ќе одиграат завршните натпревари на шампионатот и ќе бидат доделени медалите.
Претседателот на Меѓународната ракометна федерација (ИХФ), Хасан Мустафа, на прес-конференцијата на која беа претставени градовите домаќини на СП 2019, изјави дека очекува Германија и Данска да го урнат рекордот од 550.000 посетители на СП 2017 во Франција.
„Сакаме да поставиме нов рекорд по посетеност на светските ракометни првенства. Се надевам дека во Германија и во Данска може да достигнеме и до милион гледачи“ – изјави претседателот на ИХФ, Хасан Мустафа.
На СП 2019 во Германија и во Данска одново се враќа стариот формат со прелиминарна фаза и формирање на две нови групи во главната фаза од која најдобрите две селекции од секоја група ќе играат во полуфиналето на СП.
Светското ракометно првенство во Германија и Данска ќе се одржи од 10 до 28 јануари 2019 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА