Домаќинот Германија се соочи со нов огромен проблем на само неколку дена до почетокот на европскиот шампионат откако Патрик Грецки ја обнови старата повреда и отпадна од комбинација за настап на ЕП 2024.
Грецки требаше да биде еден од лидерите на германскиот национален тим на овој шампионат, но се повреди на последниот контролен дуел со Португалија. Станува збор за обновување на повредата на стопалото што го мачеше во текот на ноември, препорачана му е пауза од најмалку еден месец, па јасно е дека 34-годишното десно крило нема да може да им помогне на домаќините на ЕВРО.
„Ова е голем удар за Патрик, но и за сите нас кои сме дел од репрезентацијата. Жал ни е за Грецки и му посакуваме што побрза рехабилитација. Ќе треба што поскоро да донесеме одлука, бидејќи 9 јанури е последниот рок за доставување на списокот до ЕХФ“, изјави спортскиот директор на Германската Ракометна Федерација, Алекс Кромер.
Германија во првиот меч од ЕП 2024 на 10 јануари во Дизелдорф ќе се сретне со Швајцарија. Домаќинот е втор ривал на Македонија на овој шампионат, меч што ќе се игра во Берлин на 14 јануари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА