ГЕРМАНИЈА – Последниот „танц“ на Јоаким Лев

Во рамките на медиумската „експертска мрежа на Гардијан“ за EВРО 2020, чиј дел е и ЕКИПА, заедно со вкупно 22 европски медиуми меѓу кои и со „Газета дело Спорт“ (Италија), „Ел Паис“ (Шпанија), „Ди Цајт“ (Германија), „Франс фудбал“ (Франција), „Блик“ (Швајцарија), ви ги пренесуваме комплетните информации за сите репрезентации учеснички на Европското првенство 2020

Германија вообичаено се вбројува меѓу фаворитите за трофејот, но тоа овојпат не е случај поради големиот пад во формата во последните години.

За ЕКИПА пишуваат: Tammo Blomberg and Oliver Fritsch for Die Zeit

Твитер профили: @tblmbrg и @OliFritsch

Главното прашање е дали Јоаким Лев ќе успее да направи неверојатен пресврт во настапите на репрезентацијата по слабите игри во пресрет на ЕВРО 2020. По катастрофалното издание на СП 2018 во Русија, Лев објави дека Томас Милер, Матс Хумелс и Џером Боатенг нема да бидат повикувани во иднина во националниот тим. Две години подоцна, Лев ги повика Милер и Хумелс назад, со образложение: Мораме да мислиме на се… да имаме успешен турнир на ЕВРО 2020 е приоритет број 1 за сите.

Нема дилема дека Милер, кој имаше неверојатни 20 асистенции во дресот на Б аерн сезонава, ќе биде големо засилување за нападот. Што се однесува до Хумелс, можеби му недостига брзина, но дефинитивно со своето искуство може да помогне да се внесе сигурност во нестабилната одбранбена линија. Сепак, Хумелс нема да биде командант на одбраната – Антонио Рудигер, кој се разви во дефанзивец од светска класа во Челси.

Најважен дел од одбраната сепак останува Мануел Нојер, за кого репрезентативниот колега Бернд Лено изјави дека „е најдобар голман во светот во последните 30-40 години“. Средниот ред ќе биде интересен, тоа беше сериозен проблем на Германија и на СП 2018, кога стана очигледно дека Сами Кедира е предалеку од посакуваната форма. Тони Крос, Илкај Гудоган и Каи Хаверц се брилијантни во реакција, но неопходен им е играч кој ќе биде коректор, улога што ќе биде доделена на Џошуа Кимих. На хартија ова делува како добра опција, но ваквата формација воопшто не функционираше на мечот од Лигата на Нации против Холандија, на кој Германците беа целосно надиграни на средината од теренот и загубија од 4-2.

Леон Горецка е интересна опција, играч што одлично се снаоѓа на просторот меѓу двата шеснаесетници, што би требало да биде „фит“ по проблемите со повредите во текот на сезоната со Баерн Минхен.

Ова е последно големо натпреварување на Јоаким Лев, кој летово ќе си замине и ќе му го препушти местото на Ханси Флик.

СЕЛЕКТОРОТ

Во германската јавност се појави доза на оптимизам откако Лев објави дека ќе се повлече од функцијата селектор, по шокантниот пораз од Македонија во квалификациите за СП 2022.

„Цел фудбалски свет ни се смее“, пишуваа медиумите, истакнувајќи дека Лев требало да си замине пред најмалку три години.

Јоаким Лев е селектор веќе 15 години, главен успех му е освоената титула на СП 2014, но две години подоцна беше елиминиран во групната фаза во Русија, а во 2020 претрпе катастрофален пораз од 6-0 од Шпанија.

ИКОНА

Можеби не изгледа како Дејвид Бекам и нема своја колекција за долна облека, но Томас Милер дефинитивно е икона на германската репрезентација, кој се враќа назад во националниот тим по двогодишна пауза. Милер одгледува коњи со својата сопруга, дава смешни интервјуа и изгледа како најнормален човек, сосед од секојдневието што го има секој од нас.

Стилот на игра не му е особено елегантен, но затоа е крајно ефективен, токму затоа Томас Милер е максимално популарен меѓу германските фудбалски фанови.

НАЈСРЕЌЕН ОД ОДЛОЖУВАЊЕТО НА ЕВРО 2020

Џамал Мусиала пред една година настапуваше за аматерскиот тим на Баерн во третата лига и за англиската младинска репрезентација (семејството му се пресели од Германија во Англија кога тој имаше седум години).

Сепак, тој толку добро ја искористи шансата што му се укажа во првата екипа на Баерн, што во февруари 2021 беше повикан за сениорската репрезентација на Германија.

„Имам срце за Германија и срце за Англија. Двете срца ќе продолжат да чукаат во моите графи“, изјави Мусиала при објавувањето на одлуката дека во иднина ќе го носи германскиот дрес.

ВЕРОЈАТЕН СОСТАВ (4-3-3): 

Нојер, Клостерман, Хумелс, Рудигер, Халстенберг, Крос, Кимих, Гундоган, Гнабри, Сане, Милер.

ШТО ПЕАТ ФАНОВИТЕ:

Schwarz und Weiß – (во превод: Црно и бело), песна на комичарот Оливер Пошер снимена пред Мундијалот што во 2006 година се одржа во Германија и што остана „химна на репрезентацијата“ до СП 2018 во Русија.

ШТО ВЕЛАТ ФАНОВИТЕ: 

“Deutschland ist eine Turniermannschaft“ – без разлика колку е талентирана репрезентацијата во моментот, Германија секогаш игра добро на големите натпреварувања (со исклучок на последното).

“Klare Dinger hinten raus“ – барање од навивачите до фудбалерите – играјте едноставно и сигурно, особено во последната линија.

“Flach spielen, hoch gewinnen!“ – Чувај ја топката ниско на земја за да победуваш високо.

ПАНДЕМИСКИ ХЕРОЈ

Леон Горецка, кој најпрвин се појави по првиот локдаун изгледајќи како Двејн „The Rock” Џонсон, а потоа го креираше движењето “We kick Corona” заедно со Џошуа Кимих. Двете ѕвезди на Баерн обезбедија почетен капитал од еден милион евра за оваа кампања, со која беа собрани над четири милиони евра, пари што беа наменети за најпогодените во кризата од коронавирусот.

Се вчитува...