Германија го освои првото место во групата откако во директна пресметка ја совлада домашната Франција со убедливи 71-85. Французите играат под своите можности од стартот на овие Олимписки Игри, но доколку успеаја да се спасат против Јапонија вечерва немаа никакви шанси да стигнат до позитивен резултат против актуелните светски шампиони. Наместо тоа, Вембињама, Гобер и останатите француски ѕвезди доживеаја вистински дебакл на домашен терен, јасен знак дека мора многу да напредуваат ако сакаат да се вмешаат во борбата за трофејот.
Првата четвртина мина во израмнета борба во која Германците со тројката на Бонга во финишот успеаја да се одлепат и да поведат со 18-24. Тоа беше само најава за супериорната втора четвртина на германскиот национален состав, кој доминираше на теренот (9-24) и на одмор замина со преубедливи 27-48. Извонредни во овој дел од мечот беа Франц Вагнер со 16 и Шредер со 15 поени, кои заедно имаа повеќе поени од целата француска репрезентација.
„Триколорите“ успеаја да се приближат со серијата од 9-0 на почетокот од четвртата четвртина, но Германија го издржа тој налет, наскоро повторно влезе во ритам и на крајот заслужено славеше со 71-85.
Вагнер и Шредер беа главни фигури во победничкиот состав со по 26 поени, додека прв стрелец на Франција во вечерашниот пораз беше Вембињама со дабл-дабл од 14 поени и 12 скокови.
Покрај Германија и Франција, пласман во четвртфиналето од оваа група обезбеди и Бразил, како третопласирана селекција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА