Еурофарм Пелистер претрпе уште еден пораз во рамките од Лигата на Европа на ЕХФ откако македонскиот вицепрвак загуби на домашен терен од Фуксе Берлин со убедливи 34-32. Битолчани одиграа под своите можности, згора на тоа беа и сериозно ослабени поради неиграњето на Хосни и Суси, а проблем повеќе за тренерот Валтер е повредата што во второто полувреме ја заработи Руди Сери.
„Пелистерци“ во неколку наврати на самиот почеток имаа по еден гол предност, а при 2-1 Цветан Кузманоски не реализираше пенал. Последното водство на Еурофарм Пелистер беше 3-2, по што германскиот гигант влезе во ритам, наметнувајќи темпо за кое ослабениот битолски состав немаше одговор. Киреев бранеше одлично на голот на Берлин, додека на спротивната страна со брзи напади гостите рутински создаваа ситуации за гол што безмилосно ги реализираа во лесни погодоци. Валтер побара тајмаут при 9-13, но ситуацијата на теренот не се промени, Берлин продолжи да го полни голот на Лесјак, на одмор заминувајќи со убедливи 14-22, а за одбележување е дека дури десет различни ракометарки на овој тим се запишаа меѓу стрелците во првото полувреме.
Агонијата продолжи и на стартот од вториот дел, во кој Фуксе Берлин експресно стигна и до своето прво двоцифрено водство (15-25). Германците во првите 36 минути игра успеаја да постигнат дури 29 гола, а проблемите за македонскиот вицепрвак уште повеќе се зголемија откако Сери се пожали на посериозна повреда и со помош на соиграчите мораше да го напушти теренот. Преостанатите дваесетина минути минаа во израмнета игра во која гостите знаеја како да ја задржат убедливата предност, притоа чувајќи и дел од силите за наредните предизвици, како во Бундес-лигата, така и во ЕХФ Лигата на Европа.
Пешевски со осум гола беше најефикасен во таборот на битолските „фармацевти“, шест постигна капитенот Радовиќ, а пет Танкоски. Вујовиќ со девет и Холм со седум гола беа главни фигури во таборот на германскиот тим во оваа убедлива победа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА