Германската фудбалска федерација осудена поради затајување данок

Германската фудбалска федерација (ДФБ) е казнета со 110.000 евра за даночно затајување за време на судењето поврзано со финансиска трансакција со ФИФА во 2006 година, кога Германија беше домаќин на Светското првенство.

Судијката од Окружниот суд во Франкфурт, Ева-Мари Дистлер, зборуваше за високото ниво на криминална активност на ДФБ, но не го прифати барањето на обвинителството ДФБ да плати казна од 270.000 евра.

Случајот се фокусираше на исплатата од 6,7 милиони евра испратени од ДФБ преку Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) до покојниот француски бизнисмен Роберт Луј-Драјфус во 2005 година. ДФБ тврдеше дека исплатената сума била наменета за организација на церемонијален настан посветен на Светското првенство, кој никогаш не се одржа.

Луис-Драјфус претходно испратил заем од 10 милиони швајцарски франци на покојниот фудбалски великан Франц Бекенбауер, кој беше на чело на организацијата на Светското првенство. Износот потоа стигнал на сметката на сега веќе посрамотениот висок функционер на ФИФА, Мохамед бин Хамам од Катар, и не е утврдено за што биле наменети тие средства.

Во 2006 година, ДФБ евидентираше 6,7 милиони евра оперативни трошоци, што доведе до судење бидејќи државниот обвинител го прогласи за недозволено и тврдеше дека ДФБ избегнала 2,7 милиони евра даноци. Адвокатот на ДФБ, Јан Олаф Лајснер, рече дека иако станува збор за прикриена отплата, сепак може да се класифицира како деловен трошок и затоа немало даночно затајување.

Поранешните високи функционери на ДФБ, Тео Цванцигер, Волфганг Нирсбах и Хорст Р. Шмит, беа исто така обвинети во случајот, заедно со Германската фудбалска асоцијација како субјект. Нивните случаи беа отфрлени поради сложеноста на доказниот процес, а за возврат тие платија пари во добротворни цели. Тројцата постојано негираа дека станува збор за даночна евазија.

Се вчитува...