Германски политичар ја нападна ФИФА: „Одвратна церемонија, ненормални цени на билети…“

Потпретседателот на германскиот парламент остро ја критикуваше Светската фудбалска федерација (ФИФА), нарекувајќи ја церемонијата на извлекување за Светското првенство „одвратна“, а цените на билетите за турнирот „апсолутно луди“.

Омид Нурипур од Зелената партија, еден од потпретседателите на долниот дом на Бундестагот, во неделата за телевизијата Велт изјави дека „ФИФА не си прави услуга на долг рок“ и дека „неутралноста е сериозно нарушена“.

За време на извлекувањето на групите за Светското првенство во 2026 година, одржано на 5 декември во Вашингтон, значајна улога одигра американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја доби нововоспоставената награда за мир на ФИФА во таа пригода.

Светското првенство во 2026 година ќе се одржи во САД, Мексико и Канада.

ФИФА ги отфрли критиките за блискиот однос на својот претседател Џани Инфантино со Трамп, велејќи дека „добрите односи“ со највисоките политички претставници на земјите домаќини се клучни за успешна организација на голем спортски настан.

Нурипур ја опиша церемонијата на извлекување како „одвратна“ и се придружи на критиките за цените на билетите, кои ги нарече „апсолутно луди“.

Според Германската фудбалска асоцијација, најевтиниот билет за натпреварите од групната фаза ќе чини 155 евра (околу 180 долари).

Навивач кој би сакал да ги гледа сите натпревари на германската репрезентација, вклучувајќи го и финалето – доколку тимот се квалификува – ќе мора да издвои најмалку 5.975 евра.

Цените, според проценките, се до седум пати повисоки отколку на Светското првенство во Катар 2022 година, што предизвика силни реакции од навивачките организации.

Организацијата на „Фудбалски поддржувачи“ ја опиша политиката на цени како „монументално предавство“ на навивачите и ја нарекоа „изнуда“.

Се вчитува...