Германско славје во Скопје: Кемниц преголем залак за ТФТ

ТФТ не успеа да приреди сензација и да слави против фаворизираниот Кемниц во квалификациите за Лигата на Шашмпиони на ФИБА. Македонскиот состав потфрли во првото полувреме па и покрај тоа што одигра одлично во вторите 20. минути, истите не беа доволни за целосен камбек со што „црно-белите“ мораа да се задоволат со пораз од 77-96.

Агресивната одбрана на Кемниц на отварањето на натпреварот не дозволи ТФТ да го наметне своето темпо во нападот. Германците добро го заштитија рекетот, а на спротивната страна добриот проток на топката и транзицијата носеа отворени обиди кои кошаркарите во црно знаеја да ги искористат па рано ја превземаа иницијативата. ТФТ го имаше расположениот Андерсон кој погодои четири обиди за три поени, одржувајќи го својот состав во игра, но Австралијанецот не беше доволен за едноцифрена негатива по 10. минути игра (14-24). Бековската линија предводена од Ташовски и Стојановски донесе свежина во играта на македонскиот состав, но и покрај тоа што разликата беше сведена на четири поени (20-24), агресивната одбрана на противникот продолжи да биде голем проблем за ТФТ. Изгубените топки и промашените обиди од тешки позиции резултираа со поени за Кемниц, а германскиот состав влезе и во серија зад линијата 6,75, продолжи и со одличната транзиција па поведе со 28-46 на полувремето.

Второто полувреме донесе многу подобра игра на ТФТ кој со зонската одбрана го наруши напаѓачкиот ритам на Кемниц. Македонскиот состав одговори со многу подобра игра во одбраната и нападот, ги лимитираше лесните поени на противникот, најде решение и во рекетот па успеа да ја сведе негативата на 12 поени (48-60). Составот од Тафталиџе имаше шанса и дополнително да ја намали предноста на Германците, но откако не успеа во обидот следеше одговор од Муни за 53-68 пред последните десет минути. Во нив благодарние на шутот зад линијата 6,75 Германците ја вратија убедливата предност (59-76), но прераното опуштање на противникот знаеја да го искористат кошаркарите во бело. Добрата одбрана проследена со шутерското шоу на Доналдсон и Андерсон ја врати едноцифрената негатива (69-78), но гостите од Германија навремено ги консолидираа редовите и не дозволија изненадување.

Лахланд Андерсон беше лидер на ТФТ со 27 поени и 6 скока, а него го следеа Николов и Батрик со по 11 поени. Американецот додаде 7 скока, додека Македонецот шест. Марко Филиповити беше предводник на Кемниц со 26 поени, додека по 15 постигнаа Величка и Милер.

Кемниц во полуфиналето од турнирот кој се одржува во Скопје ќе се сретне против Тофаш во натпревар кој ќе биде одигран во сабота.

Се вчитува...