Англискиот селектор Герет Саутгејт на петочната прес-конференција во пресрет на вечерашното финале изјави дека Втората светска војна им послужила како инспирација на неговите фудбалери на патот до трофејот.
Тој потенцираше дека осминафиналето со Германија било добиено токму поради таа енергија и мотивација што била создадена во играчкиот кадар.
„Постојат многу случки во историјата на кои ние како нација можеме да бидеме горди. Некои луѓе се обидоа да извршат инвазија, но бевме доволно храбри за да се одбраниме. Не можеме да криеме дека дел од таа енергија беше присутна и против Германија на „Вембли“. Никогаш не им држев таков говор на фудбалерите, но знам дека размислуваат така“, изјави Саутгејт.
Ваквиот коментар на англискиот селектор предизвика бес во германската јавност, па тиражниот весник „Билд“ го искритикува Саутгејт за „искажаните лудости“.
„Извинете Господине Саутгејт, но вие сте лудак. Противници на Черчил биле Хитлер и Геринг, а вие не игравте против нив, туку против Милер и Нојер. Тешко е да се поверува дека некој од гледачите на „Вембли“ бил сведок на војната од пред 76 години. Војната веќе не е тема во светот на фудбалот. Германските тренери Клоп и Тухел му донесоа на англискиот клупски фудбал големи успеси. Зошто да не? Па живееме во 2021, не во 1945 година. Што ве натера на вакви изјави, дали сте гледале премногу филмови за Черчил, па сакате да станете втор најголем Британец во историјата. Ние заслужено испаднавме и со нетрпение го очекуваме финалето. Ако Германија победи, тоа ќе биде поради Стерлинг и Кејн, а не поради војната на која вие потсетувате“, му напиша „Билд“ на англискиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА