Германците бесни: Срамота, не го очекувавме ова од Шпанија, но и самите сме си виновни

Германските репрезентативци останаа во шок на крајот од мечот со Костарика, на кој и покрај победата од 4-2 „панцирите“ беа елиминирани уште во групната фаза од СП 2022, второ вакво мундијалско фијаско во низа за една од најмоќните светски селекции.

Иако играа под своите можности на трите натпревари, германските фудбалери дел од одговорноста ја бараат и кај селекцијата на Шпанија, која со пораз од Јапонија падна на второто место во групата и го избра Мароко за ривал воосминафиналето.

„Не очекувавме такво нешто од Шпанија. Сепак, мораме да се погледнеме во очи, имавме доволно шанси за да ја победиме Јапонија, потоа и да ја победиме Шпанија“, изјави Каи Хаверц, кој беше двоен стрелец во триумфот над Костарика.

Кошмарот во Катар го означи и крајот на репрезентативната кариера на Томас Милер, кој веќе објави дека со настапот на овој мундијал се збогува од дресот на националниот тим.

„Неверојатно боли бидејќи нашата победа требаше да биде доволна за осминафинале. Знаевме дека не можеме да победиме со седум гола разлика, но тажно е што Јапонците успеаја да ја победат Шпанија. Сепак, нашата трагедија се случи со поразот од Јапонија. Ова е апсолутна катастрофа“, прокоментира Томас Милер.

Се вчитува...